Пекерман мора да биде обештетен од Венецуелската фудбалска федерација

ФИФА и наложи на Венецуела да му плати речиси три милиони долари на својот поранешен селектор Хозе Пекерман како компензација за отказот во март 2023 година.

Фудбалскиот сојуз на Венецуела ќе му плати на Пекерман 1.71 милион долари како оштета, плус 5% годишна камата од 23. Август 2023 година до подмирувањето на долгот и 1.14 милиони долари казна, стои во соопштението на ФИФА.

Како што пишува венецуелскиот печат, Хозе Пекерман добил отказ откако при ревизијата биле откриени неправилности поврзани со Паскал Лескан, „десната рака“ на тренерот.

Доаѓањето на поранешниот селектор на Колумбија и Аргентина ги зголеми очекувањата во Венецуела, единствената земја на КОНМЕБОЛ која никогаш не се пласирала на Светското првенство.