Пелагониското дерби за шампионот, Еурофарм Пелистер прв се пласира на Ф4

Ракометарите на Еуроафрм Пелистер се пласираа на „фајнл-фор“ турнирот во Купот на Македонија, откако го совладаа составот на Прилеп со 30-28 (14-14) и се изборија за место меѓу најдобрите четири во завршницата на Купот, која ќе се игра во април. Прилепчани одлично парираа, дури во неколку наврати и водеа, но на крајот искусните пелистерци успеаја да се пласираат на завршниот турнир. Иако настапи без Кузмановски, Хаидарирад, Манасков, Граховац и Павле Атанасијевиќ, тимот на Стевче Алушовски дојде до победата.
Во првиот дел гостите играа рамо до рамо со шампионот и се изборија за егал резултат на пауза. Сепак, на стартот од вториот дел влегоа во мини-криза, која пелистерци ја искористија со серија од 4-0 и резултатски побегнаа на 25-21. Еурофарм Пелистер искусно го сочува водството и покрај тоа што повторно настапи со комбиниран состав и на крај славеше со минимални 30-28. Во 48. минута заради три исклучувања црвен картон доби Ник Хенигман.
Кај победникот се истакнаа Анџеј Видомски со седум и Петар Атанасијевиќ со шест гола. Кај поразениот тим најпрецизен беше Денис Шабановиќ со седум погодоци.