Пелистерци децидни: Победата во Данска е заборавена, Фредериција е одличен, млад и брз тим
Шпанецот Раул Алонсо ќе го има своето деби на клупата на Еурофарм Пелистер во натпреварот против Фредериција во Лигата на шампионите. За Алонсо ова ќе биде прв европски натпревар откако претходно успешно дебитираше на клупата во домашното првенство.
На официјалната прес-конференција зборуваа тренерот Алонсо и Словенецот Тајник.
Раул Алонсо
(тренер на РК Еурофарм Пелистер)
Секој натпревар е различен посебно кога играте во Лигата на шампионите. Играчите во ова натпреварување брзо се адаптираат на новите ситуации. Фредериција е тим кој порасна во последните две сезони и беше компетитивна во данското првенство. Го имаат Гудмундур Гудмунсон, кој е еден од најдобрите светски тренери и човек кој има големо искуство. Ќе биде тешко да се игра против нив, иако победивме на гостински терен. Ова е нов натпревар и нова ситуација, имаат квалитетни дански ракометари и агресивна одбрана.
Што се однесува до подготовката, го немав потребното време, тука сум три дена и одработивме само еден тренинг. Со вкупно три тренинзи ќе влеземе во натпреварот и ќе биде натпревар со голем влог. Ќе го следиме нашиот план и растот од претходниот натпревар. Многу е важно да имаме солидна одбрана и многу интервенции на голманите. Да бидеме организирани во одбраната и тоа да ни биде појдовна точка за добар позиционен напад и транзиција. Тоа е сепак натпревар од Лигата на шампионите и ќе решаваат мали детали.
Домен Тајник
(ракометар на РК Еурофарм Пелистер)
Јавноста очекува големи работи од нас на овој натпревар. Сепак, ќе биде многу тешко. Фредериција е одличен тим, а имавме и краток период да работиме со новиот тренер. Добро се подготвуваме и до среда ќе бидеме уште поспремни. Цел град очекува победа и ние ќе го дадеме својот максимум за да ја оствариме. Фредериција игра многу брза и специфична одбрана 3-3 и ние се подготвуваме за нив.
Судии од Словенија ќе го водат македонско-данскиот дуел. Станува збор за Бојан Лах и Давид Сок, додека делегат на натпреварот во Битола ќе биде Марко Треспиди од Италија.