Пелистер го намачи шампионот, но бодовите останаа во Тетово

Пелистер успеа во своите намери да се претстави во поинакво светло и наместо како тим што се бори за опстанок да игра подредена улога, пружи партија за паметење и беше во одредени моменти рамноправен или поактивен тим на теренот, но за разлика од Шкендија, не ги искористи своите шанси.
Клубот од Тетово беше шокиран со погодокот на Стефан Спировски во седмата минута, но по асистенцијата од ВАР собата голот беше деклариран како регуларен. Од тие моменти започна згуснувањето на редовите во Шкендија и пресврт во кој доминираа на теренот.
Израмнувањето стигна по прекин на играта, кога во 21 минута по корнерот изведен од Нзенге,
Ибраими успеа заедно со топката да влезе во мрежата. Во следната шанса ударот на Фабрис Тамба заврши за малку непрецизно. Истиот играч до крајот на полувремето се обиде уште еднаш, но ни тогаш не успеа.
Пред крајот на првиот дел, Петровиќ во контра напад се избори за шут од работ на шеснаесетникот, но топката отиде над пречката.
Шкендија започна мирно во второто полувреме и првите десет минути речиси да немаше никаков притисок кон голот на гостите. Одеднаш во брз контранапад по левата страна Љатифи успеа да го проигра Бесарт Ибраими кој инстиктивно биеше и по втор пат погоди за комплетен пресврт.
Само две минути подоцна Зејнулаи по десната страна влезе во казнетиот простор, но неговиот шут беше доволен само атрактивна реакција на Јовчевски.
Пелистер во последните десет минути беше офанзивен благодарение на опуштањето на домашните кои понесени од извиците на трибините тргнаа во мали егзибиции, но тоа можеше да ги чини скапо.
Ивановски во 86 минута ја упати првата сериозната закана по голот на Шкендија, откако беше проигран во десно, а неговиот удар заврши крај самиот дирек.
Бошковски по левата страна се избори за центаршут пречиси од корнер знаменцето, го пронајде Булатовиќ на втората статива, кој се обиде со атрактивен волеј, но беше непрецизен.
Србијанац во идентична ситуација го бараше Булатовиќ, но топката беше пресечена и отиде во корнер, а откако беше изведен, проигрувањето од Керим до Милојевиќ резултираше со шут во голот, која Бабокар Геје едвај ја запре.
Шкендија комплетно го препушти создавањето на шансите на гостите по излегувањето на Бесарт Ибраими, но сепак дефанзивните фудбалери го сочуваа резултато по кој Шкендија доаѓа со три нови бода до -4 од лидерот Вардар и ќе патува за Скопје на директен дуел со „црвено-црните“ што може да биде пресуден за шампионската титула.