Пелистер го совлада и Тиквеш и во одлична форма го чека плеј-офот

Пелистер импресивно ги одигра петте рунди од плејоф доигрувањето откако попладнево лесно и убедливо славеше над Тиквеш со резултат 100-93. Нападот повторно функционираше беспрекорно, беа постигнати над 100 поени, како јасна потврда дека битолчани во топ-форма ќе го дочекаат претстојното полуфинале во плјеофот со тимот на МЗТ Скопје.
Пелистер отвори бавно во нападот на самиот почеток, постигнувајќи само еден поен во првите три минути од мечот (1-5). Шутот профункционира, Џенкинс една минута подоцна погоди тројка за 6-6, а истиот кошаркар со уште еден прецизен обид од далечина го донесе и првото водство на „пелистерци“ на натпреварот (16-13, 7. Минута). Малешевиќ беше во главна улога во овој дел од мечот, па токму со поените на српскиот крилен кошаркар Пелистер ја доби првата четвртина со 29-25.
Крстевски ја отвори втората четвртина со тројка, Пелистер продолжи да го контролира резултатот, со неколкуте реализации на Вилсон одржувајќи ја предноста на девет поени (38-29, 40-31). Тиквеш за момент се приближи на 44-42 на помалку од 90 секунди до крајот на полувремето, но самата завршница мина во знакот на „зелено-белите“, Вилсон беше во главна улога и Пелистер замина на одмор со седум поени предност (51-44).
Тројката на Брејси Дејвис во 23. Минута го донесе првото двоцифрено водство на „пелистерци“ (56-46), а со тројката на Малешевиќ битолчани стигнаа и до плус 13 (59-46). Предноста се одржувапше до самиот финиш, завршницата на третата четвртина мина во знакот на Американците на Пелистер, Брејси Дејвис постигна пет, Вилсон три поени, но Тиквеш постигна четири поени во последните десет секунди и ја спушти разликата под десет поени (75-67).
Сите дилеми околу победникот беа разрешени по неколку минути од четвртата четвртина, Вилсон одигра одлично и постигна пет поени во низа, Брејси Дејвис реализираше од контранапад и „зелено-белите“ веќе имаа 82-68 во своја полза. Тиквеш се приближи до седум поени, но Пелистер имаше одговор, а последната четвртина ја одбележа и атрактивното забивање на Вилсон, откако ја протна топката низ нозе и потоа ја смести низ обрачот.
Во завршницата Даскаловски ги повлече дел од најдобрите кошаркари, но и оние помладите кои добија шанса максимално ја оправдаа довербата, па Пелистер рутински го приведе мечот до крај и конечните100-93.
Ленгстон Вилсон одигра одличен натпревар реализирајќи 29 поени и 9 скокови, Брејси Дејвис имаше 24 поени, а двоцифрен ефект имаа и Малешевиќ со 18 и Џенкинс со 11 поени.