Пелистер запрен во полуфиналето од МЗТ Скопје

Пелистер не успеа да се пласира во големото финале од плејофот откако „зелено-белите“ го загубија вечерашниот решавачки дуел со МЗТ Скопје со резултат 87-58. „Пелистерци“ имаат за што да жалат ако се знае дека одиграа квалитетно прво полувреме, но падот на концентрацијата во третиот период (29-5) се покажа клучен за оваа мајсторка да не заврши со посакуваниот исход за битолчани.
Лука Стојановски ги постигна првите поени во мајсторката за 0-2, а Пелистер подобро го отвори мечот и преку Стајиќ поведе со 4-10. МЗТ се врати израмнувајќи на 10-10, но Стајиќ и Малешевиќ беа прецизни и „зелено-белите“ пак поведоа, овојпат со 10-15. Малешевиќ погоди тројка за 15-18, но МЗТ до крајот на првата четвртина го сврте резултатот во своја полза и овој дел од мечот заврши со минимални 20-19 за домашниот состав.
Аеродромци беа подобри на самиот старт од вториот период, поведоа со 25-19, но Џенкинс со две реализации го запре налетот на домашниот тим, враќајќи го Пелистер во ритам. Пелистер имаше негатива во поголем дел од оваа четвртина, но Крстевски погоди важна тројка, потоа и Малешевиќ реализираше од полуконтра, резултатот беше израмнет на 34-34, по што на одмор се замина со израмнети 37-37.
Пресуден се покажа стартот на третата четвртина, што МЗТ го почна со серија од 9-0 за нешто повеќе од две минути, по што Даскаловски побара тајмаут. Советите не помогнаа, па негативата порасна на 11 поени (48-37) пред Лука Стојановски да ги постигне првите поени за Пелистер во оваа четвртина (24. Минута). Тоа не го запре налетот на домашниот тим, кој во 25. Минута поведе со 54-39, нешто подоцна и со 57-39, за нов тајмаут на стратегот на Пелистер. Ситуацијата на теренот не се промени, Пелистер погоди само еден шут од поле за десет минути и ја заврши четвртината со преубедлива негатива од 66-42.
Победникот на овој решавачки натпревар беше практично решен, па преостанатите десет минути минаа во израмнета битка, а мајсторката заврши со триумф на МЗТ Скопје со резултат 87-58.
Брејси Дејвис со 12 и Вилсон со 10 поени беа единствените двајца со двоцифрен ефект на овој натпревар.
Сезоната не е завршена, „пелистерци“ ги очекува серија за третото место против екипата на ТФТ, што ќе се игра до две победи, а во која предноста на домашниот терен ќе ја има скопскиот суперлигаш.