Пелистер и Влатко Костов спогодбено се разделија

Eкипата на Пелистер во вториот дел од сезоната ќе влезе со нов тренер откако денес беше објавено дека Влатко Костов го напушта кормилото.

Информацијата ја потврди битолскиот клуб преку социјалните мрежи.

„По долг заеднички и пријателски разговор, клупската управа на ФК Пелистер и шефот на стручниот штаб Влатко Костов постигнаа спогодбен раскин на договорот. Клубот искрено му се заблагодарува на Костов за остварените цели и постигнатите резултати во овие една и пол година. Пелистер под негово водство се врати во Првата фудбалска лига и одигра достоинствен есенски дел од сезоната во елитната категорија. Со Влатко Костов, кој и дел од играчката кариера помина во Пелистер, останува спортски пријатели и му посакуваме многу успеси на приватен и професионален план.

ФК Пелистер е во преговори за нов шеф на стручниот штаб и до почетокот на подготовките тој ќе биде претставен пред јавноста“, објави Пелистер.