Пелистер и Струга ремизираа во борбен дуел на „Петар Милошевски“

Фудбалерите на Струга имаа надмоќен старт во дуелот со Пелистер на гостувањето во Битола, но жестокиот пресинг кој го демонстрираа на стартот додека топката беше во посед на противникот, не резултираше со шанси.

Напротив, публиката прв пат ја загреа атмосферата во 16 минута кога во контрата по десна страна Пелистер можеше да биде опасен, но топката не стигна до слободниот Србијанац на спротивната страна, а спротивно од тоа Спировски неуспешно се обиде да шутира низ шумата од противнички фудбалери во шеснаесетникот.

Следуваа минутите кога благодарение на опасните пробиви на Илиевски по десната страна Струга неколку пати дојде во шанса, при што во 27 минута Компаоре беше идеално проигран, но биеше над голот, а во 30 минута по речиси идентична акција Радески доби топка, но Јовчевски со сигурна интервенција издоминира.

Голот за водство на Струга дојде во следниот напад, кога Kомпаоре го проигра Воша, а овој од прва биеше во голманот на Пелистер, за потоа одбиената топка повторно да дојде до него и овој пат да ја затресе мрежата. До крајот на првиот дел Компаоре создаде уште една асистенција, овој пат проигрувајќи го Радески, но Немања Здравковиќ го попречи во ударот.

Истите двајца фудбалери ја започнаа иницијативата на Струга во вториот дел, но не успеаја да направат ефектна егзибиција благодарение на правовремената реакција на одбраната. Следуваа моменти кога битолскиот тим издоминира на физички план, па Струга имаше само контра напади: Бојан Илиевски по десната страна имаше добар влез, но неговиот центаршут беше скротен од Јовчевски, кој во 64 минута исто така беше на своето место по одбиената топка од корнерот на Хамза.

Откако тренерот на Струга, Бленди Шкемби, започна со измените (излегоа Компаоре и Воша) и се надеваше на мирен финиш, Пелистер се осоколи и почна да прави пресинг, една вратена топка кон голманот Анџелети беше пресретната од Лука Булатовиќ кој ја смести во празната мрежа.

Струга се обиде преку нововлезениот Малески, кој во 81 минута биеше со глава над голот, а во 88 минута изби сам во контра напад, но шутираше по земја во нозете на Јовчевски.

Битолчани продолжија со иницијативата, но освен влезот на Спировски во шеснаесетникот по левата страна во 84 минута, кој на крај резултираше со корнер, немаа друга изградена шанса.

На лизгавиот терен повеќето фудбалери ја губеа рамнотежата, но конечната слика е дека Струга испушти да направи поубедлива разлика во првиот дел, како и дека Јовчевски денеска беше херој на Пелистер во освојувањето на овој исклучително важен бод со фаворитот.