Пелистер лесно до полуфинале!

Екипата на Пелистер ќе игра во полуфиналето на плеј-офот и останува во трката за шампионскиот трофеј. Во рок од 48 часа битолчани беа подобри од екипата која им ја укина шансата да атакуваат на другиот трофеј во сезона, Навико Академија ФМП.

Со такви размислувања допатуваа битолските „зелено-бели“ во главниот град и максимално успешно си го одработија својот дел од задачата. 

Очаен почеток имаа домашните кошаркари во овој меч кој одлучуваше дали ќе има и трет во серијата од четвртфиналето против Пелистер. Буквално, на прстите на една рака можеа да се избројат постигнатите поени на тимот од Кисела Вода. Иако без својот капитен Бојан Трајковски на теренот, и шефот на струката Марјан Илиевски, на клупата, за кои оваа сезона е предвреме завршена, битолчани знаеја што бараат, и што сакаат на овој натпревар.

Од самиот почеток го наметнаа својот препознатлив стил на игра, а во прилог на желбите им одеше и фактот дека најдобриот играч на Навико Академија ФМП, Стефан Крстајиќ, беше комплетно надвор од ритам. Па по десет минути „пелистерци“ имаа и десет поени плус (15:5).

Во исто темпо „бело-зелените“ продолжија и во вториот квартал. Имаа и вишок од 19. поено (30:11) во средишниот дел од втората четвртина, која гостите од Битола ја завршија со уште поголемо водство (41:21).

Силаџи даде 12.поени кај лидерската елипа, додека петте стартери во домашниот тим дадоа само десет поени, што доволно говори за лошото прво полувреме на избраниот состав на тренерот Александар Петровиќ.

Ништо ново во играта на домаќините не донесе ниту одморот од 15.минути. По шест одиграни во третиот период, Пелистер имаше двојно повеќе дадени во однос на примени кошеви (62:31), по што и на Петровиќ му стана јасно дека тука е крајот на сезоната. Па како вистински тренер одлучи да им даде шанса на најмладите во екипата која ги исполни амбициите – играше плеј-оф.

Но во полуфиналето оди најдобриот тим од регуларниот дел – Пелистер. Дури и ваков тим, со еден, петти странец на трибините, капитенот на рехабилитација, а тренерот на лечење е пресилен за дебитантот во првата лига, кој минатиот викенд му ја одзема шансата да го „брка“ трофејот во Купот.