Пелистер неочекувано лесно загуби во Кипар

Кошаркарите на Пелистер во третото коло го претрпеа и вториот пораз во рамките од ФИБА Европа купот, губејќи од составот на Керавнос со резултат 99-86. „Пелистерци“ скапо ја платија слабата прва четвртина во која му дозволија на противникот да постигне 39 поени за десет минути игра, по што не успеаја целосно да се вратат резултатски и на крајот забележаа уште еден пораз.

Мечот почна катастрофално за „зелено-белите“, Керавнос отвори со брзи 5-0, а по едното слободно фрлање реализирано од страна на „пелистерци“ следеше нова мини-серија на домашниот состав. Првата двоцифрена предност на домаќините изнесуваше 18-7, а неколку минути подоцна кипарскиот состав дојде до преубедливи 30-12. Одбраната на Пелистер воопшто не функционираше во првата четвртина, домаќините го искористија тоа постигнувајќи дури 39 поени и завршувајќи го овој период со убедлива предност од 39-22.

Вториот период донесе значителен напредок во играта во одбрана на „пелистерци“, кои конечно успеаја да ги затворат приодите кон сопствениот кош. Негативата почна да се топи, во нападот профункцинираа Брејси Дејвис и Малешевиќ, резултатот се спушти под десет поени (49-40), Керавнос зголеми на 53-40, но „пелистерци“ пдообро го авршија полуврмето и на одмор се замина со 58-48.

Второто полувреме почна со слаба игра на Пелистер во нападот, за четири минути македонскиот тим постигна само четири поени, а домаќините поведоа со 67-52. „Пелистерци“ не се откажаа, Брејси Дејвис беше најзабележителен во редовите на битолскиот тим, а по поените од контранапад на Лука Стојановски разликата повторно беше спуштена под десет разлика (74-65, 28. Минута). Негативата беше намалена на 74-67, но Керавнос ја заврши четвртината со мини-серија од 5-0 и во последниот период се влезе со водство на домашниот состав од 79-67.

Керавнос имаше и 84-67 на почетокот од четвртата четвртина, но Пелистер повторно влезе во серија и дојде на „минус девет“ (84-75). Вилсон заби по офанзивен скок за 84-77, но домаќините постигнаа тројка по која тренерот Даскалвски побара тајмаут (87-77, шест минути до крајот). Последната шанса за целосен камбек не беше искористена при промашениот напад при 87-79, по што Керавнос со нова мини-серија ја врати удобната позитива, задржувајќи ја предноста до конечните 99-86.

Брејси Дејвис го одигра својот најдобар меч во дресот на Пелисер постигнувајќи 33 поени, недоволно за позитивен резултат на овој меч. Двоцифрен ефект од „пелистерци“ имаа и Митревски со 13, Малешевиќ со 12 и Вилсон со 10 поени.

Пелистер во четвртото коло од ФИБА Европа купот следната среда на домашен терен во Битола ќе ја пречека екипата на Цедевита јуниор.