Пелистер парираше три четвртини, но на крајот загуби од МЗТ Скопје

Победничката серија на Пелистер во Супер-лигата што траеше од почетокот на 2026 година беше прекината вечерва, откако „зелено-белите“ претрпеа пораз на гостувањето против МЗТ Скопје со резултат 87-73. Пелистерци одиграа квалитетни три четвртини во кои целосно му парираа на актуелниот шампион, но за жал не го издржаа притисокот во завршните десет минути и на крајот претрпеа незаслужено убедлив пораз.
Самиот почеток беше целосно израмнет, МЗТ отвори со 3-0 и 5-2, но Пелистер имаше одговор, па битолчани во 5. Минута преку Митревски поведоа со 6-9. Пелистерци водеа уште неколку пати во текот на првата четвртина, завршувајќи ја со 18-19 по поените на Ленгстон Вилсон.
Почетокот на втората четвртина беше во знакот на домашниот тим, кој отвори со 11-2, поведувајќи со 29-21. Вилсон ја прекина оваа мини-серија на домашниот состав, а „зелено-белите“ токму тогаш покажаа карактер, успевајќи не само да го неутрализираат налетот на македонскиот првак, туку и целосно да се вратат во дербито, со четирите поени на Стајиќ во последната минута намалувајќи на 42-41.
Третиот период почна во знакот на „пелистерци“, нападот функционираше беспрекорно, па со тројката на Брејси Дејвис гостите од Битола поведоа со најубедливи на натпреварот 44-51. Серијата беше запрена, по што МЗТ беше тимот што влезе во ритам, поведувајќи со 56-53, по тројката на Дамјан Стојановски. Дасккаловски побара тајмаут, а Џенкинс погоди тројка под прекршок, па со четирите поени на Американецот „зелено-белите“ се вратија во водство (56-
57). Митревски од линијата за слободни фрлања донесе израмнување на 60-60, но Пелистер не постигна ниту еден поен во последната минута од четвртината и во последните десет минути влезе со негатива од 63-60.
За жал, четвртиот период донесе и големи проблеми за Пелистер, битолчани се мачеа да го задржат ритамот, а МЗТ го искористи тоа за да се одлепи резултатски. Даскаловскки побара тајмаут, но без преголема полза, предноста на „сино-белите“ стана двоцифрена (75-65). Отпорот беше скршен, а МЗТ Скопје до крајот само ја зголеми предноста до конечните 87-73.
Вилсон беше прв стрелец на Пелистер со 17 поени, три помалку постигна Стајиќ, додека Малешевиќ оствари дабл-дабл од 12 поени и 10 скокови.