Пелистер подготвен за европска битка, битолското деби да заврши со победа

Се е подготвено за битолската европска кошаркарска премиера, вечерашниот меч од второто коло во ФИБА Европа купот во кое Пелистер ќе биде домаќин на Превидза од Словачка (19 часот, сала „Боро Чурлевски“.

„Пелистерци“ претрпеа пораз во првиот меч во Загреб од Цедевита јуниор, но таа лекција е научена, па се очекува избраниците на тренерот Даскаловски максимално мотивирани да го дочекаат гостинот. Промената на пристапот е она што сите во таборот на Пелистер го потенцираа во пресрет на овој меч, најавувајќи една иста работа – максимална борба во текот на сите 40 минути со единствена цел, да се стигне до победа што ќе биде прославена со битолската публика.

„Пред ас е првиот европски меч во Битола, податок што дефинитивно е мотив плус за сите нас. Знаеме дека нема да биде нималку лесно, а клучот ќе биде во нашиот пристап. Ако одиграме онака како што знаеме, ако се бориме и го спроведеме она што го договараме, верувам дека ќе успееме да се радуваме на крајот“, вели Никола Малешевиќ.

Превидза во првото коло покажа дека е исклучително квалитетен тим, рутински славејќи над Керавнос со убедливи 82-68, меч што беше анализиран од страна на стручниот штаб и кошаркарите на Пелистер.

„Ги скаутиравме и знаеме дека сакаат да играат физичка кошарка, ги увидовме нивните предности, како и слабите страни. Играат брза кошарка, незгодни се во транзиција. Ако успееме да го запреме тоа и ние бидеме во котрола над темпото, ќе си ја олесниме задачата на патот кон првата европска победа која сите ја посакуваме“, порачува Малешевиќ.

Билетите по цена од 200 денари од денеска ќе можат да се купат и на билетарницата во салата „Боро Чурлевски“.