Пелистер поразен во неизвесен меч со ПАОК во Солун

Кошаркарите на Пелистер продолжуваат со контролните натпревари во пресрет на новата натпреварувачка сезона, а „зелено-белите“ по настапот во квалификациите за ЛШ против Реџо Емилија денеска повторно имаа за ривал исклучително квалитетна екипа.
Грчки ПАОК беше домаќин на „пелистерци“ во Солун, во интересен меч што беше израмнет до неколку минути пред крајот, а грчкиот тим сепак се радуваше со конечни 94-82. Двајцата тренери им дадоа шанса на сите кошаркари воигрувајќи ги тактичките замисли пред стартот на новата сезона, а Пелистер одлично му парираше на квалитетниот ривал.
Првата четвртина заврши 24-23 за ПАОК, на одмор се замина со 56-51 за домаќините, а резултатот на седум минути до крајот беше израмнет (74-74). Сепак, грчкиот состав благодарение на поголемото искуство успеа да се одлепи пред самиот финиш и да триумфира и со двоцифрена разлика.
Брејси Дејвис беше прв стрелец на Пелистер со 20 поени, 16 постигна Малешевиќ, 13 Вилсон, додека со 10 поени мечот го заврши Митревски.
Пелистер следниот викенд ќе ја стартува новата сезона во македонската Суперлига, во која битолчани за противник во првото коло ќе го имаат Работнички.