Пелистер се намачи, но вторпат сезонава го совлада Работнички

Кошаркарите на Пелистер триумфално ја стартуваа новата календарска година откако на домашен терен славеа над Работнички со резултат 88-85. Гостите изненадија со добра игра и покрај сериозната криза во која се наоѓа клубот, но Пелистер покажа квалитет и искуство, го издржа притисокот во самата завршница и заслужено стигна до победата.

Дуелот почна со неефикасна игра, во која подобро се снајдоа гостите од Скопје кои по четири минути игра водеа со 5-7, нешто подоцна и со 5-10. Вилсон погоди значајна тројка, по него прецизен од далечина беше и Брејси Дејвис, па „пелистерци“ набрзина го свртеа резултатот во своја полза. Битолчани имаа најубедливи 23-17 во првата четвртина, но овој период сепак заврши со 23-20 по тројката на Стојановски.

Втората четвртина ја отворивме со пет поени во низа на Андреј Митревски, а кога во ритам влезе и Малешевиќ предноста скокна на девет поени (39-30). Следеше неочекуван камбек на гостите, кои за само неколку минути поведоа со 41-42, по што Пелистер едвај замина на одмор со позитива (47-44) по тројката на Лука Стојановски и цепелинот на Вилсон.

Третиот период почна со тројка на Ефремовски за израмнување на 47-47, но Пелистер одговори со четири поени во низа на Брејси Дејвис. „Зелено-белите“ имаа контрола над резултатот (60-55 преку Стајиќ) но не успеваше целосно да се одлепи и да создаде посериозна разлика. Дуелот беше во егал до 62-62, по што Пелистер подобро ја финишира четвртината и во последните десет минути влезе со водство од 71-65.

Последната четвртина почна со серија грешки и промашени шутеви на двете страни, по што тренерот Даскаловски побара тајмаут на шест минути до крајот, при предност на Пелистер од 76-70. Следеше забивање на Брејси Дејвис за 78-70, но веднаш потоа и нова мини-серија на гостите и намалување на 80-79, за Даскаловски да биде приморан да земе нов тајмаут на минута и пол до крајот, при само еден поен предност за Пелистер (84-83). Малешевиќ постигна клучна тројка, на спротивната страна техничка грешка за „флопинг“ доби Ефремовски, по што битолчани рутински го приведоа мечот до крај, славејќи со конечни 88-85 со поените на Робев, откако претходно домашните кошаркари промашија три слободни фрлања во последните петнаесетина секунди.

Брејси Дејвис со 25 поени и 9 скокови беше клучна фигура во таборот на Пелистер, 21 имаше Малешевиќ, Андреј Митревски реализираше 15 поени, додека Стајиќ имаше 12 поени и пет украдени топки.