Пелистер со сите сили по победа во Чаир

Кошаркарите на Пелистер максимално подготвени го дочекуваат дуелот од 13. коло во Суперлигата, во кој „зелено-белите“ ќе гостуваат во Скопје на тимот на Чаир (19 часот, сала „Шабан Трстена“ во Чаир).
Ривалот слабо ја почна сезоната, но во меѓувреме влезе во одличен ритам бележејќи пет победи на последните шест суперлигашки пресметки. Чаир во минатото коло славеше на гостувањето во Куманово, јасно предупредување за квалитетите на денешниот противник.
Никола Малешевиќ како еден од најискусните во таборот на Пелистер, јасно порачува што е потребно да се стори за да се стигне до позитивен резултат на ова гостување.
„Тешко гостување е пред нас, Чаир е тим што секогаш игра квалитетно, особено при настапите во својата сала. Затоа, ќе ни треба максимален фокус и концентрација, да го спроведеме на терен она што го работиме на тренинзите. Мораме да одговориме на нивната енергија, да им ги запреме главните играчи. Верувам дека сме способни за такво нешто и се надевам дека ќе се радуваме на крајот“, вели Малешевиќ.
Пелистер и Чаир досега имаат одиграно осум средби, на кои „зелено-белите“ имаат шест победи и два порази.