Пелистер убедлив на гостувањето против ТФТ

Пелистер направи голем чекор кон освојување на третото место сезонава откако битолчани денеска славеа на гостувањето против ТФТ со убедливи 87-109, во првиот натпревар од серијата на „малото финале“. „Пелистерци“ одиграа перфектни 40 минути на офанзивен план, дојдоа до предност во раната фаза на мечот и заслужено стигнаа до победата.

Уште во првата четвртина стана јасно дека Пелистер е помотивиран на овој натпревар, избраниците на Даскаловски одиграа квалитетно од самиот почеток, со поените на Малешевиќ и на Крстевски се одлепија до 12-21, а до крајот ја добија четвртината со 20-30, иако за момент имаа и 16-30 во своја полза.

Вториот период мина во израмнета борба, „пелистерци“ на одмор заминаа со водство од 48-57. За разлика од минатото кога им се случуваше пад на концентрација во вториот дел да ги чини пораз, овојпат кошаркарите на Пелистер одиграа максимално фокусирано, не дозволувајќи победата во ниту еден момент да биде доведена во прашање. Третата четвртина заврши со нивно водство од 71-84, за на крајот „пелистерци“ заслужено да слават со преубедливи „плус 22“.

Прв стрелец на Пелистер беше Вилсон со 27 поени, Џенкинс имаше 26, додека Малешевиќ одигра импресивен меч со 24 поени, 10 скокови и 7 асистенции.

Вториот натпревар од оваа серија ќе се игра во Битола, каде евентуален триумф на Пелистер ќе значи и освојување на третото место за оваа натпреварувачка сезона.