Пелистер четврти пат по ред поразен, Башкими носи три бода од Битола

Пелистер сè уште ја чека првата победа во Битола оваа сезона, откако и во вториот обид на домашен терен беше поразен, овојпат од Башкими со 1-2.

Куманвчани отворија со погодок уште во првиот посериозен напад во петтата минута Акцијата на половината на битолчани ја започна Симоновски, кој го проигра Пановски, а овој му овозможи на Хаџиќ да упати удар, што резултираше со водство.

Наспроти тоа, гостите прелесно создаваа шанси. Најпрво Симоновски беше „очи во очи“ со голманот на Пелистер, а во 19. минута Авормио по левата страна стигна до линијата на шеснаесетникот и во мешаницата го пронајде Хаџиќ, кој повторно беше магнет за топката. Тој успеа да ја протне низ нозете на противниците и да ја смести во подалечниот агол на Јовчевски, кој беше покриен и реагираше задоцнето.

Домашните не успеаја да создадат сериозна шанса, но тројната замена на Капинковски во 31. минута ја стабилизираше играта и не дозволи Башкими да стигне до нова прилика во првиот дел. На почетокот на второто полувреме, Пелистер покажа многу поактивна и борбена игра, а првата сериозна акција донесе удар од 11 метри за битолскиот клуб. Гроздановски беше најзаслужен за пеналот, но капитенот Александар Ристевски не успеа да реализира, погодувајќи го Јашари во нозете. Одбиената топка ја закачи Ристовски, но неговиот удар со глава заврши во пречка.

Пелистер продолжи да создава шанси, во 62. минута се биеше од свртување, но над голот. Во 67. минута Стефан Спировски презеде одговорност во нападот, го проигра Миленковски, кој му ја врати топката, по што искусниот поранешен репрезентативец го совлада голманот на Башкими.

Иако имаа теренска иницијатива и се изборија за неколку корнери, битолчани немаа конкретни решенија во клучните моменти. Ангеловски и Мрмачовски внесеа свежина во нападот, но реализацијата изостана. Во финишот Башкими се закани преку Џелили, кој изнуди корнер, а Јахија во следниот напад ја погоди пречката. Тоа беше премалку за да се потврди нивната надмоќ, но доволно за да останат победници, бидејќи Пелистер немаше сили до крај да казни и да стигне до израмнување.

Во следното, осмо коло, Пелистер гостува кај Струга, додека Башкими ќе биде домаќин на Вардар.