Пелистер ја освои Струмица и ги зголеми своите шанси за опстанок во ПМФЛ

Брера и Пелистер изиграа мошне „тврд“ прволигашки меч во кој единствениот гол беше постигнат на почетокот и тоа од пенал. Подоцна се покажа дека тој беше пресуден и го диктираше текот на мечот, но битолчани успешно го бранеа својот гол и на крајот заслужено славеа со 0-1 (0-1).
Керим беше во продор по левата страна, а кога дојде моментот за нафрлување, топката го погоди Велкоски во раката и судијата Стојчевски веднаш покажа на белата точка. Иако беше досуден во четвртата минута, пеналот беше реализиран две минути подоцна, откако на барање на домашните фудбалери беше направена ВАР проверка. Реализатор на најстрогата казна беше Мирко Ивановски.
Овој шок јасно им наложи на домашните да се отворат и да почнат да напаѓаат, но сето тоа почна да се случува бавно и безопасно дури во 12 минута, кога Величковски не успеа да стигне до топката пред Јовчевски да интервенира во казнетиот простор. Во два наврати АП Брера се обиде од прекин преку високо нафрлени топки да го загрози голот на Пелистер, но само во првиот обид Михаилов успеа да го пронајде Велкоски, но без опасност.
Во овој период, Пелистер имаше еден контранапад за одбележување, но иако беше одлично проигран, Ивановски биеше од прва, но недоволно прецизно.
Во 32. минута се случи уште еден клучен момент: Марјан Ристовски постави тело на аголот од шеснаесетникот, но Аризанковски падна и судијата Стојчевски оцени дека имало прекршок. И овој пенал беше проверуван во ВАР собата, а по потврдувањето, Филип Михаилов пристапи кон изведување. Неговиот удар во долниот десен агол беше скротен од Јовчевски, кој со тоа повторно се издвои меѓу најдобрите поединци на битолскиот клуб.
До крајот на првиот дел Пелистер се закани, повторно преку продор на левата страна, повратната топка од Керим ја прифати Србијанац, тргна во казнетиот простор но сепак се реши да го бара Ивановски, но топката беше пресечена и опасноста расчистена.
Вториот дел исто така изобилуваше со доста физички исцрпувачки натрчувања, па двајцата тренери искористија да сменат повеќе фудбалери и да ја држат тензијата до крајот, Од многуте полушанси ќе ги спомнеме оние на Брера, кои се случија во финишот. Велков успеа да проигра до Стојилевски, но повратната топка до Тодоров не беше реализирана на најдобар начин. Можеби последната најсериозна акција дојде во шестата минута од судиското надополнување, кога Тодоров уфрли топка во шеснаесетникот на битолчани, но Јовчевски „во лет“ ја собра и уништи уште една таква акција на Брера.
Струмичани покажаа исклучително борбено лице и се обидуваа до последниот свиреж, но денеска не им одеше, Пелистер делуваше многу поискусно во ситуацијата каде што двата тима низ директен дуел го кроеја пласманот на табелата во борбата за опстанок. Брера останува на 8. место со 33 бода, но сега Пелистер има само еден помалку и се наоѓа на 9. место. Работнички и Македонија ЃП со 28 и 27 поени се зад нив, додека „фенерџијата“ Шкупи има само еден бод.