Пелистер ја преслуша словачка Приевидза на европското деби во Битола

Кошаркарите на Пелистер испишаа историја откако во второто коло стигнаа до првата победа во ФИБА Европа купот, триумфирајќи над Приевидза од Словачка со резултат 90-83. „Пелистерци“ одиграа импресивно второ полувреме, во четвртата четвртина имаа и огромни 20 поени предност, но за малку скапо ќе го платеа прераното опуштање откако гостите дојдоа до два поени разлика. Сепак, квалитетот и искуството на Малешевиќ и Стајиќ пресудија на крајот да се стигне до триумф од „плус седум“, на голема радост на присутните во салата „Боро Чурлевски“.

Дуелот почна со израмнета игра на двете страни, гостите неколку пати имаа минимално водство, а Пелистер промаши неколку обиди од далечина со кои можеше да го сврти резултатот во своја полза. Си-Џеј Вилсон со умешно положување израмни на 8-8 на половина од првата четвртина. Гостите од Словачка влегоа во шутерски ритам и погодија три тројки за нецели три минути, поведувајќи со 14-19, а при 14-21 тренерот Даскаловски беше принуден да го побара првиот тајмаут. Играта во одбрана беше консолидирана, па стартните десет минути завршија со предност на гостинскиот тим од 18-22.

Вториот период почна со две брзи загубени топки на „пелистерци“, но затоа Прајс влезе во ритам и постигна две тројки во серија. Следеа и поени по офанзивенн скок на Малешевиќ по што негативата беше истопена, па словачкиот тренер при 26-27 беше принуден да побара минута одмор. Стајиќ имаше и втора украдена топка по која изнуди неспортска грешка од Рејнолдс, но ниту тоа не беше искористено за да дојде до пресврт и водство на „зелено-белите“. Следеа фуриозни 40-ина секунди на Пелистер во кои Вилсон со атрактивен цепелин донесе израмнување од 31-31 (15. Минута од мечот). Пелистер до првото водство стигна во 18. Минута со новите поени на Митревски. Битолчани имаа 41-37 и напад во последната минута од полувремето, но следеше наивно загубена топка, за на одмор да заминеме со минималннна преднност од 41-40.

Второто полувреме почна со тројка на Вилсон за 44-40, во одбраната имаше проблеми, но Прајс со нови две тројки ја врати предноста на „плус четири“ (50-46, 23. Минута). Шутерското шоу на „пелистерци“ продолжи, тројка погоди и центарот Ленгстон Вилсон, кој дваесетина секунди подоцна атрактивно заби во рекетот, за убедливи 55-46 и нов тајмаут за тренерот на Превидза. Во 25. Минута прецизен од далечина беше и Малешевиќ, за прво двоцифрено водство на мечот (58-46). Словаците за момент се консолидираа и намалија на едноцифрена разлика (60-52), по што Даскаловски експресо побара тајмаут. Серијата на противикот беше запрена, а важна тројка на спротивната страна постигна Крстевски, по што во последната четвртина се влезе со предност на Пелистер од 68-56.

„Зелено-белите“ продолжија со одлича игра и на стартот од четвртиот период, преку Прајс поведувајќи со најубедливи „плус 16’ (74-58), а во следниот напад преку истиот играч и до 76-58. Центарот Вилсон беше прецизен за „плус 20“ (81-61), по што дојде до неочекуван пад, па Приевидза за три минути врза 13 поени во серија и резултатот на помалку од две минути до крајот гласеше 81-64. Приевидза во драматичен финиш во два наврати дојде до „минус два“, но Малешевиќ беше прецизен кога беше најважно за Пелистер, осигурувајќи ја оваа значајна победа за битолчани, прва историска за нашиот клуб на европската кошаркарска сцена. Точка на триумфот стави Стајиќ со тројка со звукот на сирената, за конечни 90—83.

Прв стрелец на мечот беше Американецот Остин Прајс со 25 поени, Малешевиќ имаше 18 поени и 9 скокови, а двоцифрен ефект имаше и центарот Ленгстон Вилсон со 13 поени.