Пеп најави засилувања во средниот ред
Играчите на Манчестер Сити за момент му го поправија празничното расположение на Пеп Гвардиола и му донесоа победа за крај на 2024-та година, но шпанскиот стручњак е свесен дека проблемите нема да завршат со триумфот над Лестер.
Сити игра далеку од шампионски оваа сезона и повеќе од јасно е дека овој тим на Гвардиола го достигна зенитот по освоените четири последователни титули во низа во Премиер лигата, па се поочигледно е дека Шпанецот ќе добие неколку засилувања во зимскиот преоден рок.
Гвардиола веќе најави дека Сити ќе биде активен во јануари, но сега ги посочи и двете позиции на кои неговиот тим мора да биде засилен за вториот дел од сезоната.
„Де Брујне полека се враќа во тимот, но потребна ни е поголема поддршка во средниот ред. Потребно ни е освежување во средината и во последната четворка, тоа се позиции на кои најмногу страдавме од стартот на сезоната. Цело време имаме проблеми со играчи за врска и со дефанзивци и централни стопери.
Потребна ни е помош на одредени позиции. Тимот и натаму е добар, но проблемот е тоа што не можеме да располагаме со цел тим многу недели во низа. Работите станаа тешки поради таквите околности, загубивме клучни играчи со недели и со месеци. Ќе има опции на трансфер пазарот, но никогаш не е лесно во јануари. Ќе биде скапо да се пазари, но ќе видиме што ќе може да направи клубот“, изјави Гвардиола.