Перез шест месеци ќе паузира од Формула 1 спортот
Серхио Перез кој го загуби местото во тимот на Ред Бул изјави дека ќе паузира подолго и дури потоа ќе одлучи дали ќе се обиде да се врати во Формула 1 во 2026 година.
Мексиканецот се раздели со „биковите“ по четири години минати во Милтон Кејнс по кошмарната сезона за него во 2024 година, која започна добро за Перез, кој се качи на подиумот во четири од неговите први пет стартови, но во преостанатите 19 не само што не се качи на подиумот, но имаше и само една топ-5 завршница.
Во позадина на овој настап на Перез, сосема се очекуваше тој да биде ослободен од Ред Бул и покрај двегодишниот договор што го потпиша на почетокот на летото. Токму тоа се случи, а во 2025 година колега на Макс Верстапен ќе биде Лиам Лосон. Сега, во своето прво појавување во јавноста по разделбата со Ред Бул, Перез ги сподели своите планови за иднината.