Пет медали за македонските пинг-понгари во Подгорица

Неколку македонски пинг-понг клубови учествуваа на „Подгорица Опен 2024“ – меѓународниот турнир со силна конкуренција. Македонските играчи во повеќе категории прикажаа одлична игра, а се вратија со пет медали и еден пехар.

Софија Хасану од Младост 96 се закити со злато во младинска категорија и бронза во сениорска, додека Андреј Стојановски од клубот 10 60 АС Ѓорче Петров освои бронзен медал кај јуниорите.

Македонците освоија и ветерански медали со третото место за Сашо Стојановски од 10 60 АС Ѓорче Петров во категорија 40-49 години и Томе Петков од Пелагонија во категорија над 70 години.

Екипата на Младост 96, покрај со Софија Хасану, се претстави со Давид Јоноски, Мартин Ристески и Трајче Маркоски, кои заедно со Кристијан Митев, Андреј Бејковски и Дарко Китановски од Пелагонија одиграа одлично во младинските категории. Митев и Бејковски се пласираа помеѓу осумте најдобри во категорија до 12 години. Идентичен успех забележа Китановски во категорија до 18 години. Христијан Јовановски отскокна со пласман помеѓу шеснаесетте најдобри.

Мартин Стаменковски од Крива Паланка 2007 загуби во четвртфиналето од шампионот во категоријата 40-49 години. За тимот од Крива Паланка настапија и Мики Петковски, Игор Јовановски и Влатко Михајлов.

На турнирот настапија вкупно 320 натпреварувачи од 8 земји.