Пешевски: Спремни сме и верувам дека ќе победиме
Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер денеска на домашен терен го игра натпреварот од Лигата на Европа против португалскиот претставник Агуаш Санташ.
Македонскиот репрезентативец во таборот на битолчани, Жарко Пешевски, е сигурен дека со помош на домашната публика, Еурофарм Пелистер ќе слави победа.
„По подолго време се враќаме во нашиот спортски храм. Имавме тешки натпревари во гости, блиску бевме до подвиг на дел од тие натпревари, но малку и среќата ни го сврте грбот. Без среќа во спортот не може и треба овие натпревари да ни бидат поука како да се подобриме. Агуас Санташ ме изненади со победата против Бидасоа Ирун, но оваа екипа има квалитет и игра подобро отколку во првиот дел на сезоната. Во Португалија по макотрпна борба ги освоивме бодовите. Спремни сме и, со поддршка од битолската публика, верувам дека ќе се радуваме“, вели Пешевски.