Победа на Пелистер во трилер-завршница во Чаир

Екипата на Пелистер го продолжи стопроцентниот ефект во 2026 година откако по голема борба успеа да слави на гостински терен над Чаир со 99-107, и тоа по продолжение од пет минути. Триумфот е апсолутно заслужен ако се знае дека „пелистерци“ водеа во огромен дел од натпреварот, а не потпаднаа под притисокот ниту по прокоцканите „плус 12“ во последните три минути од регуларниот дел од натпреварот. Џенкинс и Стајиќ беа играчите кои блеснаа во продолжението и му ја донесоа големата победа на нашиот тим.

Малешевиќ ги постигна првите поени за Пелистер на мечот (0-2), а кратко подоцна Брејси Дејвис со тројка донесе предност од 2-7. Домашниот тим израмни на 7-7, по што се играше неколку минути „егал“, па Чаир за момент се одлепи и поведе со 21-16. Тоа беше моментот кога Пелистер заигра далеку подобро, профункционира нападот, но и одбраната, па „зелено-белите“ поведоа со 22-30, добивајќи ја првата четвртина со конечни 26-30.

Домаќините набрзина израмнија на 30-30, но Малешевиќ постигна пет поени во низа и го врати Пелистер во предност. Лука Стојановски погоди две тројки во важни моменти, битолчани имаа контрола над резултатот до крајот на полувремето, на одмор заминувајќи со 44-49 иако на минута и половина пред крајот имавме и водство од 41-49.

„Зелено-белите“ имаа контрола во првиот дел од третата четвртина, пред се благодарение на одличнот Брејси Девјси и тројката на Андреј Митревски. Чаир се приближи на 58-59, но Пелистер одговори со цепелинот на Вилсон на асистенција на Малешевиќ. Домашниот тим стигна до 65-65, по што четвртината заврши со 65-67 по поените на Брејси Дејвис.

Отпорот на домашниот состав конечно беше скршен во последниот период, кога Пелистер повторно влезе во серија прецизни шутеви од далечина. Лука Стојановски ја почна серијата, по него тројки погодија и Стајиќ и Малешевиќ, а по новите два поени на Малешевиќ „зелено-белите“ за првпат поведоа со двоцифрена разлика (71-81). Чаир се приближи на шест разлика, но следеа четири промашени слободни фрлања (по две на Вилсон и на Брејси Дејвис), по што Чаир се врати на само еден поен негатива (88-89). Даскаловски побара тајмаут, а мирната рака на Стајиќи од линијата за слободни фрлања донесе предност од 88-91 на 22 секунди до крајот. Чаир успеа да погоди тројка преку Ибраими, Стајиќ го промаши последниот шут за Пелистер, па дуелот мораше да биде решен во продолженија.

Во дополнителните пет минути во игра влезе новото засилување Џенкинс, а токму овој кошаркар беше човек на одлука. При 96-94 тој погоди тројка за водство на Пелистер, по него прецизен од далечина беше и Стајиќ, а Џенкинс со нова тројка зголеми на 97-103, за печат на оваа значајна победа, на крајот изразена со конечните 99-107.

Бобан Стајиќ беше клучна фигура со 25 поени и 9 асистенции, одличен бешше и Малешевиќ со 22 поени, 6 скокови и 7 асистенции, Брејси Дејвис имаше 17 поени, а Стојановски и Митревски го завршија мечот со по 11 поени.