Поведена постапка против Бенфика за наместени натпревари
Португалското правосудство официјално поднесе тужба против фудбалскиот клуб Бенфика од Лисабон за корупцијата направена во периодот од 2016 до 2019 година, со цел да местат натпревари во нивна корист.
„Ќе се браниме од овие неосновани обвинувања. Бенфика и нејзините адвокати детално ќе ги анализираат обвинувањата за кои бевме информирани денеска“, се вели во соопштението на клубот.
Бенфика додаде дека сомнежите се однесуваат на „делата што му се припишуваат на нејзиниот поранешен претседател и поранешен советник“. Главен обвинет во најавениот судски процес е Луис Филипе Виеира, кој раководеше со клубот 18 години, до неговото апсење во јули 2021 година, во друг случај поврзан со измама.