Повредата не е сериозна, Маркез сепак пропушта две трки

Марк Маркез, човекот кој оваа сезона повторно го разбуди својот препознатлив борбен дух, ќе мора привремено да ги остави трките на страна.
По падот во Индонезија, осумкратниот светски шампион заработи фрактура на основата на коракоидниот израсток и повреда на лигаментите на десното рамо, што ќе го држи надвор од акција најмалку две трки.
По пристигнувањето во Мадрид, Маркез веднаш бил подложен на детални медицински прегледи во болницата “Рубер Интернационал”, кадешто докторите исклучиле сериозни компликации или повторна повреда на старите проблеми со рамото.
Добрата вест е дека нема дислокација, но лошата е дека закрепнувањето ќе бара време и целосен одмор.
Медицинскиот тим, предводен од д-р Самуел Антуња и д-р Игнасио Роџер де Оња, одлучи за конзервативен третман без операција, што подразбира имобилизација и контроли на неделна база.