Погба заминува од Јуве уште ова лето

Јувентус не ја исклучува можноста во летниот преоден рок да го продаде играчот за врска Пол Погба. Минатата сезона беше ужасна за Французинот, кој едвај играше додека се справуваше со серија повреди. Токму поради тоа во Јувентус имаат тенденција да го пуштат со добра понуда, открива „Газета дело спорт“.

Погба минатото лето се врати во Јувентус со големи очекувања. Сепак, тој го повреди коленото пред почетокот на сезоната и беше надвор од терените со месеци. Неговата одлука да не се оперира со надеж дека ќе игра на Светското првенство дополнително ги налути сопствениците на Бјанконерите. А откако се опорави од повредата на коленото, се здоби со уште неколку полесни повреди на мускулот и успеа да одигра само 161 минути на теренот во 10 натпревари.

30-годишниот Французин има договор со „старата дама“ до 2026 година и во овој момент нема желба да си замине. Тој е многу амбициозен повторно да се докаже со тимот на Јуве и да се реваншира за последната сезона. Тој дури најави дека ќе продолжи со тренинзите на 2 јули, што е 8 дена порано од денот кога тимот ќе ги започне подготовките. Сепак, можноста за негова продажба во никој случај не е исклучена. Погба е со една од највисоките плати во клубот, а Јувентус не е во добра финансиска состојба. Па со добра понуда сигурно ќе биде пуштен.