Позната судбината на Гатузо во Наполи

Младиот италијански стратег Џенаро Гатузо, функцијата тренер на Наполи ќе ја извршува и во иднина, откако претседателот на клубот Де Лаурентис му искажа целосна поддршка. Клупата на поранешниот фудбалер и тренер на Милан беше сериозно „раздрмана“ минатата недела, откако беа поразени од Јувентус во Суперкупот, а и Верона успеа да ги совлада во домашното првенство. Приказната за заминување на Гатузо ја подгреа и заминувањето на Рафа Бенитез од Кина, кој беше тренер и на Наполи во минатото, но таа тензија траеше неколку денови. Првиот човек на клубот порача дека Гатузо ја има неговата целосна доверба, па младиот стручњак останува да го подготвува тимот за четвртфиналето во Купот на Италија и дуелот со Специја. Наполи по 19 одиграни кола во Серија А е на шестото место на табелата, девет бодови помалку од водечкиот Милан, но она што ги загрижува навивачите е што Наполи има најмногу порази од првите девет клубови на табелата.