Познати судиите на Мундијалот, само двајца Балканци на листата

ФИФА ги објави имињата на 170 судии кои во текот на Светскиот шампионат во САД, Мексико и Канада ќе бидат делегирани на вкупно 104 натпревари.
Педесет и двајца ќе имаат статус на главни, 88 ќе бидат делегирани како помошни арбитри додека 30 ќе бидат ангажирани како дел од ВАР екипата.

Поради зголемениот број на учесници, ФИФА мораше да избере рекорден број на судии кои доѓаат од шест континенти и 50 земји кои се членки на Светската асоцијација.

Очекувано најголем број судии, 17 доаѓаат од Европа. Јужна Америка е застапена со 12 додека од Северна и Централна Америка (КОНКАКАФ) доаѓаат осум.

На Мундијалот, правдата ќе ја делат седум судии од Азија, шест од Африка додека Австралија и Океанија ќе ја претставуваат двајца арбитри.

На листата се двајца Англичани, Мајкл Оливер и Ентони Тејлор, Французите, Клемон Турпан и Франсоа Летешие, а на Светскиот куп ќе патуваат дури тројца судии од Аргентина и тоа Јаел Фалкон Перез, Дарио Ерера и Факундо Тељо.

Идентичен број на арбитри доаѓаат од Бразил и чест да судат на Светскиот куп ќе имаат Вилтон Сампајо, Рамон Абати и Рафаел Клаус.

судиите кои доаѓаат од Европа се уште Фелис Цвајер (Германија), Иштван Ковач (Романија), Дани Макеле (Холандија) како и Полјакот, Симон Марчињак, додека единствен претставник од регионот е Словенецот, Славко Винчич.

Судиите на терен ќе бидат сместени во базата во Мајами каде од 31 мај до почетокот на првенството ќе се одржи семинар додека ВАР центарот ќе биде во Далас каде се наоѓа и Меѓународниот телевизиски центар.