Познат новиот термин за дуелот на Арсенал и ПСВ Ајндховен во Лондон
Натпреварот од второто коло во фудбалската Лига Европа меѓу лондонски Арсенал и ПСВ од Ајндховен, кој беше закажан за 15 септември, но одложен поради смртта на британската кралица Елизабета Втора, ќе се одигра на 20 октомври, објави денеска УЕФА.
Натпреварот во Лондон беше одложен поради „сериозни ограничувања на полициските ресурси и организациски прашања“ поврзани со смртта на британската кралица.
УЕФА го утврди новиот термин откако претходно Премиер лигата го одложи првенствениот натпревар на Арсенал против Манчестер сити, кој требаше да се игра на 19 октомври.
„УЕФА изразува благодарност до Премиер лигата и клубовите за соработката и флексибилноста со цел овој натпревар од Лига Европа да може да се вметне во календарот“, соопшти УЕФА.