Покоњоли е нов тренер на Монако

Францускиот клуб Монако, го назначи 38-годишниот поранешен белгиски репрезентативец Себастијан Покоњоли за нов тренер на тимот. Тој го наследува Австриецот Ади Хутер, кој го напушти клубот на 10 октомври, соопшти официјалниот сајт на клубот.

Како играч, Покоњоли настапуваше за Генк, АЗ Алкмар, Стандард, Хановер, Вест Бромич Албион, Брајтон и Унион Сен Жил.

По завршувањето на играчката кариера, тој започна тренерска кариера со младинскиот тим на белгискиот Унион Сен Жил во 2021 година. Потоа работеше со младинските тимови на Генк и белгиската репрезентација до 18 години.

Од летото 2024 година, Покоњоли беше старши тренер на првиот тим на Унион Сен Жил, а сега го презема предизвикот во Монако.