Положани: Морaме да сме подобри во реализацијата ако сакаме да славиме

Шкендија утревечер од 20 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје ќе го пречека словенечки Браво во реваншот од второто квалификациско коло во Конференциската лига. Тетовскиот тим ќе има задача да ја надополни негативата од 2:1 од првиот натпревар одигран во Словенија и да избори пласман во следната рунда.
Тренерот на Шкендија, Артим Положани, истакна дека е задоволен од играта што неговите фудбалери ја прикажале на првиот натпревар, но нагласи дека тимот мора да биде поефикасен пред противничкиот гол ако сака да стигне до посакуваниот резултат.
„Влегуваме во натпреварот со цел да победиме, резултатот сега е многу важен, но исто така и начинот на кој ќе дојдеме до него. Во Словенија имавме добар натпревар, меѓутоа ни недостигаше подобра завршница. Мора да сме поконкретни бидејќи ова е елиминациски натпревар. Кога ќе одиграш добро во толку важен дуел мораш и да го крунисаш со реализација, ако не го направиш тоа се соочуваш со рпоблеми“, изјави Положани.
По елиминацијата на Вардар од европските натпреварувања, Шкендија остана единствениот македонски клуб кој има можност да продолжи во квалификациите.