Полјакот Јанковски го продолжи договорот со Вардар

Вардар покрај одличните резултати во домашното првенство и борбата за одбрана на шампионската титула, веќе работи и на задржување на играчкиот кадар.

„Црвено-црните“ денеска официјално потврдија дека ја продолжиле соработката со кружниот напаѓач Виктор Јанковски, кој според новиот договор ќе остане во Скопје најмалку до 2028 година.

Јанковски во изминатиот период се наметна како важен дел од вардаровиот состав, па продолжувањето на договорот е уште еден чекор во плановите на клубот за наредните сезони.

Од таборот на актуелниот шампион ја потврдија веста преку социјалните мрежи, најавувајќи дека активно работат на создавање уште посилен тим.

„Јанковски во изминатиот период се етаблираше како една од најважните алки во нашиот состав, а во Вардар ќе остане најмалку до 2028 година. Активно работиме на кроењето на тимот за уште посилен Вардар“, објавија од клубот.