Поради наместени натпревари – уапсена руска тенисерка на Ролан Гарос!

Руската тенисерка Јана Сизикова е уапсена на Ролан Гарос под сомнение дека местела натпревари.

Полицијата во Париз синоќа ја уапсила Сизикова и русинката е задржана во притвор. Обезбедување на турнирот се обидело да го спречи апсењето на тенисерката кое се случило додека одела на масажа по натпревар.

Истрагата против неа е покрената во октомври минатата година поради тврдења дека натпреварот од првото коло од женската пресметка во двојки е наместен.

Локалните медиуми јавуваат дека Сизикова ги негирала наводите, а нејзиниот адвокат Фредерик Бело за „АП“ истакнал дека 26-годишната тенисерка сака да поднесе жалба поради клевета.

„Ставена е во притвор како криминалец. Таа истакна дека е невина и не сакаше да и помагам за време на испитувањето бидејќи се смета за жртва.“ – истакнал адвокатот на руската тенисерка.