Поради Харден го напушти Бруклин, а тоа буквално му го спаси животот!
Размената на Џејмс Харден во Бруклин минатата недела ги „раздрма“ четири НБА тимови, а за еден од играчите вклучени во истата тоа значеше и спасување на животот!
Карис ЛеВерт од Бруклин преку Хјустон заврши во Индијана, но се уште не дебитираше за новиот клуб и не се знае кога ќе се случи тоа. На лекарските прегледи откриен му е непознат израсток на левиот бубрег. Лекарите не се сигурни за што се работи, па ги чекаат резултатите кои ќе покажат дали се работи за нешто што е канцерогено, односно дали се работи за тумор или циста.
„Немав никакви симптоми, играв и не пропуштив ниту еден натпревар сезонава. Се чувствував 100 отсто здрав. Овој трејд дефинитивно ми разоткри што се случува со моето тело. Размената можеби и ми го спаси животот.“ – вели ЛеВерт, кој во 12 натпревари за Бруклин сезонава имаше просек од 18.5 поени.
„Најважно ми е да оздравам и да си осигурам долг живот. Тоа е поважно и од кошарката. Секако дека сакам и понатаму да играм, сакам тоа да се случи што поскоро, но здравјето е најважно.“ – додава кошаркарот.
Во случај тој да ја прекине кариерата, ЛеВерт ќе може барем да се „утеши“ со тоа што пред кратко време потпиша тригодишен договор вреден 52.5 милиони долари.