Поразен за прв пат, откако запиша 535 победи по ред!
Андерс Вејрганг, 15-годишното дете кое го импресионираше светот со своите игри на најпопуларната фудбалска симулација, го загуби првиот натпревар по 535 победи по ред.
Вејрганг стана апсолутен рекордер во Ultimate Team, начинот на ФИФА 21 во кој играчите составуваат сопствена екипа и се натпреваруваат против играчи од целиот свет за виртуелни награди. Секој играч во „викенд лига“ може да одигра максимум 30 натпревари, по што во зависност од бројот на победи, ќе добие и награда.
Вејрганг, кој инаку е професионален играч на ФИФА во е-спорт тимот на РБ Лајпциг, немаше загубено натпревар неколку месеци и од викенд во викенд го поправаше својот скор.
Но, низата ја прекина играчот со име „damesheet“ кој го совлада Вејрганг со високи 5:1 во момент кога младиот данец во оваа викенд лига имаше скор од 25-0 и сите очекуваа дека повторно ќе ги добие сите 30 натпревари, но не успеа.
Младиот данец постави рекорд во играта пред неколку месеци кога дојде до 300 победи по ред, што дотогаш на никого не му успеало. Во моментот, тој има скор од 535-1.