Пораз на македонските ракометари на тестот со Хрватска во Пореч

Македонската ракометна репрезентација загуби од Хрватска (26-23), на првиот контролен натпревар во пресрет на Европското првенство кое започнува на средина на следниот месец.

Избраниците на Кирил Лазаров по неколку дена тренинзи, вечерва во Пореч го имаа првиот посериозен тест, а домаќините ја искористија одличната вечер на голманот Славиќ за на полувреме да дојдат до солидна предност од 14-11. Македонската селекција не дозволи противникот да се одлепи посериозно во продолжение од мечот, стигна и на минус еден во дуелот со ривалот во чии редови беа покажани и два црвени картони, но случувањата на теренот не донесоа ниту пресврт.

Филип Кузмановски со седум голови беше најефикасен во нашиот состав, додека Дино Славиќ со петнаесет одбрани се истакна како најдобар поединец кај победничката селекција.

Македонија до почетокот на Европското првенство ќе игра пријателски натпревари и со Швајцарија, Бахреин и Украина.