Порто го купи Нико Гонзалез од Барса

Чави Хернандес ги повика на американската турнеја сите играчи на кои ќе смета за новата натпреварувачка сезона, а еден од нив не беше продуктот од младинската школа на каталонскиот гигант, Нико Гонзалес.

Нико беше споменуван како можен идеален наследник на Бускетс од самиот Чави во моментите кога тренерот го презема првиот тим пред речиси две години, но со текот на времето стана јасно дека не верува доволно во квалитетите на талентираниот играч за врска.

Поради тоа што западна во втор и трет план, Нико изминатава сезона ја мина на позајмица во Валенсија, но откако Барселона инсистираше да се направи перманентен трансфер и да заработи од продажба, овие услови ги исполни Порто.

Великанот од „Драгао“ ги договорил сите детали со Барселона за трансферот на Нико, кој ќе стане член на „сино-белото“ семејство за сума од 11 милиони евра.