Португалецот Мартинс позитивен на допинг тест
Португалскиот ракометар Мигел Мартинс, член на данскиот клуб Алборг, доцна во вторникот беше суспендиран од Светското првенство во ракомет, откако беше позитивен на допинг тест.
Алборг во средата наутро бил информиран дека Мартинс нема да учествува на завршниот турнир на Светското првенство за Португалија, бидејќи бил позитивен на допинг тест за време на активностите на португалската репрезентација пред последната фаза од натпреварувањето.
-Се разбира, ова е голем шок за нас и веднаш стапивме во контакт со Мигел, кој е исто толку збунет како нас и инсистира дека не направил ништо незаконско, изјави директорот на Алборг, Јан Ларсен во соопштението за медиумите.
Тој веднаш побарал таканаречен „Б“ тест за да се разјасни ситуацијата, но сигурно е дека нема да учествува на завршниот турнир на Светското првенство, додава Ларсен.
-Не можеме и нема да преземеме понатамошни чекори додека не ги добиеме резултатите од „Б“ тестот, а во моментов не знаеме кога ќе биде тоа. Откако ќе ги добиеме резултатите, ќе одлучиме за понатамошна акција, заклучува Ларсен.
Мартинс е португалски репрезентативец од 2016 година и има одиграно повеќе од 100 натпревари за националниот тим. Пред да дојде во Алборг настапуваше за унгарскиот клуб Пик Сегед.