Португалците ќе излезат со „седумката“ во чест на Роналдо

Сите фудбалери на Португалија во утрешниот натпревар против Данска ќе настапат со дресови со бројот 7 во чест на Кристијано Роналдо, кој на почетокот на ноември се прости од репрезентативниот дрес.

Одлуката била донесена денеска на состанокот на претседателот на Португалската фудбалска федерација, Педро Проенса, селекторот Жорже Жезус и капитените Бернардо Силва, Рубен Дијаш и Бруно Фернандеш, пренесува португалски „Обсервадор“.

Почит за легендарниот напаѓач ќе му биде оддадена и во седмата минута од натпреварот, во што ќе учествуваат и навивачите на трибините. Двете иницијативи добиле одобрение од УЕФА. Исто така, собата во која Роналдо престојувал во репрезентативниот тренинг-центар „Сидаде до Футебол“ ќе остане празна.

Натпреварот од петтото коло во Лигата на нации ќе се одигра в сабота од 20:45 часот на Општинскиот стадион во Брага.

Роналдо на 5 ноември преку социјалните мрежи објави дека ја завршува репрезентативната кариера. Од дебито во август 2003 година, за Португалија одигра 234 натпревари и постигна 146 голови, со што го држи рекордот во историјата на репрезентативниот фудбал.

Со националниот тим освои две големи титули – Европското првенство во 2016 година и Лигата на нации во 2019 и 2025 година.