Почина легендарниот шахисти Борис Спаски

Рускиот шаховски велемејстор и поранешен светски шампион Борис Спаски почина на 89-годишна возраст, соопштија денеска Руската шаховска федерација и Меѓународната шаховска федеерација.

Спаски беше светски шампион од 1969 до 1972 година, а три пати се натпреваруваше за светската титула (1966, 1969, 1972 година).

Неговиот меч со Роберт (Боби) Фишер во 1972 година, прогласен за „меч на векот“, остана запаметен во шаховската историја. Спаски имаше право да го напушти дуелот и да биде прогласен за светски шампион со резултат 2-0. Но, тој реши да продолжи, а Фишер на крајот ја освои титулата.

Реваншот помеѓу Спаски и Фишер одигран во 1992 година е забележан како еден од најдинамичните мечеви. По 20 години, двајцата шаховски великани повторно се сретнаа, но овој пат во Белград и Свети Стефан во Црна Гора, во време кога беа во сила санкциите на ОН против Југославија. Фишер победи со 10:5, но со тоа ги прекрши меѓународните санкции.

Борис Спаски е роден во Ленинград, денешен Санкт Петербург, во 1937 година. Во Франција емигрирал во 1976 година, а во 1978 година станал француски државјанин.

Спаски во текот на кариерата настапуваше за Советскиот Сојуз, Франција и Русија.