По едно полувреме за двата тима, Тиквеш и Пелистер одиграа и за себе и за публика

Временските услови наметнаа претпазлив почеток, бидејќи играчите ги дочека дожд кој придонесе теренот да стане на моменти премногу лизгав, а на одредени делови да има застоена вода која го спречуваше нормалното транзитирање на топката.

Пелистер прв се осоколи по стартното испитување на силите, па уследија две шанси: првата во 8. минута по асистенција на Бошковски до Ивановски, а втората во 20. минута кога шутираше Спировски. Сепак, Тиквеш дојде прв во водство и тоа по еден соло пробив на Ацковски во шеснаесетникот на битолчани, кога во неколку потези ја матираше комплетната одбрана во „зелено бели“ дресови.

Тоа се случи во 29 минута, а неполни десет минути подоцна, Тиквеш го зголеми водството откако Сила го реализираше досудениот пенал, што е негов шест погодок оваа сезона. Оваа казна дојде по дуелот на Ристовски со Лавал, каде што влечењето на дресот на противникот беше санкционирано од главниот судија.

До крајот на првиот дел Пелистер создаде уште две полушанси, прво во 42 минута Булатовиќ центрираше, а одбиената топка од Рамадани дојде до Ристовски кој биеше непрецизно, додека второто генијално додавање на Бошковски до Ивановски беше стопирано поради офсајд на напаѓачот.

Вториот дел донесе почетна иницијатива за Тиквеш и неколку удари од аголот, но пласираните удари од недоизработените позиции не беа никаква опасност за голот на Пелистер. Лусијањино во два наврати предводеше контра напади, при што во првиот го проигра Куел, а во вториот самиот биеше во Јовчевски.

По одиграни 60 минути, силите на теренот драстично се сменија и Тиквеш му ја препушти иницијативата на гостинскиот тим. Во 63. минута Керим го проигра Ивановски, овој ја затресе мрежата, но судијата по проверка од ВАР собата досуди офсајд. Во 72. минута Милојевиќ асистираше по средината, за Ивановски да реализира и да донесе надеж за Пелистер. Само три минути подоцна, битолчани израмнија – повторно преку Ивановски кој се наметна како човек на мечот – при што овој пат Керим дриблаше по левата страна, а уфрли топка на втората статива покрај лошо поставената одбрана на кавадарчани.

За комплетен пресврт фалеше малку: Пелистер ја затресе мрежата на Стевковски откако нафрлената топка од Србијанац всушност заврши во мрежата, но со асистенција од ВАР собата беше досуден уште еден офсајд на Мирко Ивановски кој се обиде да ја закачи топката со глава.

Единствена шанса во финишот Тиквеш имаше во 83. минута кога повторно имаа неколку удари од аголот, а во еден од нив Сила со глава го принуди Јовчевски на нова интервенција со боксување во уште еден корнер.

Со овој бод Пелистер дојде на 37 поени и ја премина Брера на 8. место при што двата тима имаат по 37 бода, но битолчани имаат подобра гол разлика. Во последното 33. коло Пелистер е домаќин на Башкими кој е на 7. место со 42 бода, па нивниот дуел само ќе биде одлучувачки за 8 и 9 место, односно за тоа кој клуб од ПМФЛ ќе се сретне со второпласираниот односно третопласираниот тим од ВМФЛ, во баражот за обезбедување место во елитното друштво.