По испаѓањето од ЛШ, Јувентус оди на „ремонт“!
Актуелниот италијански шампион Јувентус пред три години го доведе Кристијано Роналдо во обид да ја освои Лигата на шампионите, а со славниот Португалец во три сезони не стигна ниту до полуфинале. Роналдо во три години за Јувентус постигна 14 погодоци во ЛШ, еден помалку од учинокот во последната година во Реал. Освен тоа, Јувентус до неговото доаѓање во последните десет години два пати играше финале, а со најскапиот играч во клупската историја не отиде подалеку од четвртфинале. Се уште не се знае каква е иднината на 36-годишниот Роналдо во Јувентус, а италијанскиот новинар Фабрицио Романо јавува дека клубот наскоро ќе решава за тоа. Договорот на Роналдо со Јувентус трае до крајот на идната сезона. Романо наведува и дека Јувентус ќе прави „ремонт“ на екипата, а Вестон Меккени, Федерико Киеза, Матијс Де Лихт и Војчех Шчешни ќе бидат играчите околу кои ќе се гради новиот Јувентус. Извесно е дека клубот ќе го напушти Арон Ремзи, кој не се покажа како засилување, а тренерот Андреа Пирло веќе најави дека останува на клупата и нема намера да си замине по неуспехот во Лигата на шампионите.