По неуспехот со Вирц, Баерн менува трансфер стратегија

Баерн Минхен планира да собере околу 165 милиони евра преку продажба на играчи како дел од амбициозната летна трансфер стратегија, со фокус на доведување на Рафаел Леао и Нико Вилијамс. Овој потег доаѓа откако клубот не успеа да го ангажира Флориан Вирц, што ги натера Баварците да го променат пристапот и да се насочат кон селективно инвестирање. 

На листата за продажба се најдоа неколку фудбалери, меѓу кои Леон Горецка, Кингсли Коман и Серж Гнабри. Сепак, повеќето од нив не сакаат да заминат поради високите плати, а само Коман наводно е отворен за нови предизвици. 

Баерн подготвува сериозна понуда за Рафаел Леао, која вклучува 75 милиони евра плус еден од играчите – Горецка или Коман. Милан, сепак, не отстапува од високата клаузула од 175 милиони евра и не сака да го продаде Португалецот, особено по доаѓањето на новиот тренер Масимилијано Алегри, кој планира Леао да биде клучен дел од од иднината. И покрај шпекулациите за негова желба да замине, Милан е решен да го задржи и да го развие неговиот потенцијал. 

Во меѓувреме, Нико Вилијамс е на врвот на листата на желби на Баерн, како замена за заминатиот Лерој Сане. Германскиот клуб веќе одржа неколку состаноци со претставниците на шпанскиот репрезентативец и е подготвен да ја активира откупната клаузула од околу 58 милиони евра. 

Баерн сега води трансфер политика базирана на финансиска претпазливост. Клубот избегнува да потроши над 100 милиони евра на еден играч, освен ако не се гледа како идно лице на тимот. Наместо тоа, стратегијата вклучува балансирање на трошоците преку паметни продажби и контрола на платниот список за да се задржи конкурентноста без финансиско претерување.