По поразите од Динамо и Ријека, Карлоган разрешен од тренерското место во Сплит

Хрватскиот прволигаш Хајдук ја раскина денеска соработката со
тренерот Мислав Карлоган, а според написите во хрватскиот печат
пред заминување од сплитскиот клуб е и македонскиот фудбалски
репрезентативец Александар Трајковски (31).
Разрешувањето на Карлоган доаѓа по елиминацијата на Хајдук во
полуфиналето на хрватскиот Куп, како и серијата од три порази во
првенството кои драстично ги намалија шансите на клубот од Сплит
за освојување на шампионската титула.
На девет кола до крајот на хрватското првенство, Хајдук е
третопласиран на табелата со 55 бодови, десет помалку од лидерот
Риека.
Дел од хрватските медиуми објавија дека на Хајдук му претстои и
целосна реконструкција на играчкиот кадар, а според истите извори,
сплитскиот клуб на крајот од сезоната ќе ја раскине соработката со
македонскиот репрезентативец Александар Трајковски.
Македонецот одигра само 10 натпревари и постигна еден гол откако
му се приклучи на Хајдук во септември лани, кога потпиша договор
до лето 2025 година.