По 12 години одблокирана сметката на Националната пливачка федерација

Со поддршка од министерот за спорт Борко Ристовски, и Владата, по 12 години, решен е проблемот со блокираната сметка и вратена е во целосната функционалност Националната пливачка федерација.

Претседателот на федерацијата, Сашо Лазаровски, е уверен дека пливањето во нашата земја ќе се врати на вистинскиот пат и дека македонските пливачи во иднина ќе имаат многу подобри услови за работа.

– Со голема помош од Министерството за спорт и Владата, ние од денес сме функционални и започнуваме ново поглавје со одблокирана сметка. Започнуваме да работиме на нови проекти, обединети сите клубови. Веќе добивме на управување еден базен, го чекаме и вториот. Работиме на решавање на проблемот за зимските настапи на нашите пливачи во Олимпискиот базен, додека не се завршат градежните работи во базенот Карпош. Планираме многу новитети во иднина, помош за нашите репрезентативни пливачи, обуки за нашите тренери, многу проекти, и се надеваме на многу успеси во наредниот период, рече Лазаровски на денешната прес-конференција.

Задоволство од работата на новото раководство на пливачката федерација искажа министерот Ристовски.

– Секој од нас си ги исполни задачите зададени пред повеќе од една година и сега сме овде со одблокирана сметка на федерацијата. Како што се договоривме ние заедно со Владата на Република Македонија најдовме средства да се одблокира сметката, а обврските на претседателот беа сите клубови да бидат обединети, под една федерација и да нема поделби. Така по 12 години федерацијата може да функционира нормално. Ние вложуваме напори и за сите други федерации кои имаат блокирани сметки да се решат проблемите, рече Ристовски.

Министерот најави и враќање под свое владение на сите спортски објекти кои се од национален интерес со цел да им бидат достапни на спортистите.