Празно реми на Македонија и Летонија во пријателски дуел во Скопје

Фудбалската репрезентација на Македонија одигра 0-0 на пријателскиот натпревар против Летонија во Скопје. Имавме шанси, меѓутоа затаи реализацијата.

Во 14. минута, Милан Ристовски одлично се ослободи од својот чувар, шутираше од 25 метри, но голманот на Летонија, Рихард Матревичс, успеа да одбрани.

Десет минути подоцна, возврати и Летонија со опасен напад. По нафрлувањето од левата страна, Владиславс Гутковскис шутираше со глава, но крај голот на Столе Димитриевски.

Македонија можеше до водство во 29. минута, кога Тихомир Костадинов упати удар со глава од десетина метри, но летонскиот голман повторно добро интервенираше.

Во 38. минута и Летонија имаше одлична шанса. Гутковскис зафати волеј во петерецот, но Столе Димитриевски покажа неверојатен рефлекс и одбрани со нога.

Само две минути подоцна, Барди шутираше од 18 метри, а топката од блокот за малку ќе го надмудреше Матревичс.

По еден час игра, селекторот Благоја Милевски го промени офанзивното трио и во игра ги уфрли Александар Трајковски, Бојан Миовски и Елиф Елмас.

Елиф Елмас првата закана ја имаше во 67. минута, со удар од 20 метри, но не беше тоа премногу опасно по голот на Летонија.

Три минути подоцна, Јанис Икануиекс шутираше од 20 метри и ја погоди гредата од голот на Столе Димитриевски.

До крајот, немаше сериозни можности и пријателскиот меч заврши без голови.