Првпат во финалето на ФА Купот ќе се игра градско дерби на ривалите од Манчестер

За првпат во историјата на најстарото фудбалско натпреварување, ФА Купот, во финалето ќе играат два клуба од Манчестер. На 3 јуни за трофејот ќе се борат Манчестер Јунајтед и Манчестер Сити.
Денес, во полуфиналниот натпревар, „црвените ѓаволи“ го елиминираа Брајтон (7-6) во пенал серијата, додека регуларното време заврши нерешено со резултат 0-0. Ден претходно, пласман во финалето обезбеди Манчестер Сити предводен од Пеп Гвардиола, кој го совлада Шефилд Јунајтед со резултат 3:0, Ријад Махрез постигна хет-трик.
Актуелен носител на трофејот е Ливерпул. Во пенал рулетот минатата година го победија Челзи (регуларното време на натпреварот заврши со резултат 0-0).
Апсолутен рекордер по бројот на освоени трофеи во ФА Купот е лондонскиот Арсенал (14), Манчестер Јунајтед е на второто место (12), Манчестер Сити има само шест пехари во ова натпреварување.