Прв домашен пораз на кошаркарите на Пелистер во 2026 година

Кошаркарите на Пелистер не успеаја да ја продолжат серијата добри игри и резултати на домашен терен што траеше од стартот на годинава, губејќи од Тиквеш со 82-88. Серијата од седум победи во меѓусебните дуели со кавадарчани не беше продолжена пред се поради слабото издание во последната четвртина што Пелистер ја загуби со 15-26, за пресврт и триумф на гостинскиот состав.
Пелистер се соочи со проблеми во нападот на самиот почеток, со само една реализација во првите три минути (преку Малешевиќ), па Тиквеш поведе со 2-7. „Зелено-белите“ се разбудија во вистински момент, па веќе во седмата минута стигнаа до првото водство со поените на Вилсон со 14-12, добивајќи ја првата четвртина со 24-20, по трите слободни фрлања што ги реализираше Андреј Митревски.
Почетокот на вториот дел повторно мина во знакот на гостите од Кавадарци, кои набрзина поведоа со 30-32. Брејси Дејвис одговори со пет поени во низа, пет поени набрзина нанижа и Џенкинс, одбраната не беше на најдобро ниво, но Пелистер сепак замина на одмор со предност од 46-43 по тројката на Брејси Дејвис.
Второто полувреме го отворивме со тројка на Митревски, а по реализацијата на Вилсон тимот на Пелистер поведе и со најубедливи „плус осум“ (51-43). Гостинскиот состав не се предаде, кавадарчани намалија на 51-48, но следеше експресен одговор преку Малешевиќ и Митревски за 56-48 за битолскиот суперлигаш. Во играта топло-ладно Тиквеш дојде до 56-54, но Пелистер подобро ја заврши четвртината, влегувајќи во последните десет минути со водство од 67-62, по тројката што за гостите ја постигна поранешниот играч на Пелистер, Бошалески.
Четвртиот период донесе огромни проблеми за „зелено-белите“, во првите четири и пол минути беа постигнати два поени, гостите во меѓувреме погодија шутеви од далечина и поведоа со 69-77, принудувајќи го Даскаловски за кратко време да земе два тајмаути. Советите за жал не вродија со плод, гостите ја задржаа предноста и славеа со конечни , нанесувајќи му го на Пелистер првиот домашен пораз во оваа календарска година.
Митревски и Вилсон ги предводеа стрелците на „зелено-белите“ со по 15 поени, еден помалку реализираше Малешевиќ, додека Стајиќ, Дејвис и Џенкинс реализираа по 12 поени во вечерашниот пораз.