Премиер лигата подготвува револуционерна ВАР-одлука

Почнувајќи од следната сезона, судиите на натпреварите во англиската Премиер лига своите одлуки ќе ги соопштуваат на публиката на стадионот преку микрофони откако ќе ја прегледаат снимката со помош на ВАР технологијата.

Оваа процедура моментално се тестира на полуфиналните натпревари од Лига купот оваа сезона, а првиот практична примена имаше на натпреварот меѓу Тотенхем и Ливерпул, кога на Тотенхем им беше поништен гол поради офсајд.

Главниот фудбалски директор на Премиер лигата, Тони Сколс, им изјави на новинарите дека оваа процедура ќе се користи и за време на натпреварите во лигата.

Полуавтоматската офсајд технологија би можела да биде воведена во Премиер лигата и порано, пред крајот на оваа сезона.

Првично, технологијата требаше да се имплементира по репрезентативната пауза во првиот дел од сезоната, но тоа беше одложено поради проблеми во процесот на тестирање. Сколс рече дека е постигнат напредок во текот на изминатите неколку недели.

„Веруваме дека тоа е најточниот систем. Морам да признаам, со оглед на тешкотиите што ги имавме во првите неколку месеци од сезоната, бев крајно скептичен во врска со ова, но напредокот што беше постигнат во изминатите четири до шест недели е значителен“, рече Сколс.

Сколс додаде дека имплементирањето на технологијата на само неколку рунди до крајот на сезоната нема да создаде проблем со интегритетот.

Претставниците на лигата веруваат дека тоа ќе го скрати времето потребно за проверка на офсајд во просек за 31 секунда.